Струга/Вевчани, 24. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Не сум боженствена и не сум ѕвезда, туку најобичен човек кој го работи тоа што го сака со целото свое срце, рече кралицата на хрватските шансони, Тереза Кесовија, која вечерва ќе ја отвори осмата ликовна колонија „Вевчански видувања“.
Кесовија кажа дека е за првпат во Вевчани и како на прв поглед се вљубила во овој живописен крај, кој како што рече многу ја потсетува и навраќа спомени за најзиното родно Конавле.
– Природата, луѓето и се останато е преубаво. Толку убава и боженствена природа. Имам некое посебно чувство, сето ова е еден благодет, рај, баш е многу убаво, рече Кесовија.
Кесовија која зад себе има 56-годишна плодна музичка кариера, воопшто не го криеше задоволството што после подолга пауза, повторно е во Македонија, потсетувајќи се на бројните настапи кои ги имала во времето на поранешна Југославија.
Рече дека ситуацијата на музичката сцена во минатото била поинаква. За да се стане пејач морало да се има глас и талент, повеќе се обрнувало внимание на квалитетот отколку на квантитетот.
Тука незаобиколно Кесовија го спомена Тоше Проески, нивната прва срдба во Порторож и поканата да гостува на фестивал во Дубровник со кој таа раководела.
– Тогаш тој прв пат дојде во Хрватска и настапи на фестивалот, па од тогаш тој негов бескраен Божји талент се развиваше. Едноставно и денеска не можам да верувам дека го нема. Тоа беше еден млад човек кој можеше од една мала Македонија да отиде во светот и да направи светска кариера, истакна Кесовија.
Инаку, вечерва од 21:00 часот таа ќе настапи во ресторанот „Виа Игнација“, со што ќе биде отворена Меѓународната колонија, на која учество ќе земат 30-на реномирани уметнички имиња од земјава и странство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес