јуни 25, 2017

Охрид, 25. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Високи температури, зголемена фрекфенција на луѓе и возила, гужви… Охрид веќе навлегува во летната туристичка сезона, што значи пред нас се стоте најцрни и најкритични денови кога е во прашање безбедноста во сообраќајот.

Во таа насока, од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелират за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.

– Во услови кога во Охрид бележиме зголемена фреквенција на сообраќај, потребно е да се почитува пропишаната брзина на движење, да се носат безбедносните појаси, да не се зборува на мобилен телефон додека се вози и да не се седнува зад волан под дејство на алкохол или наркотични средства, велат од советот.

Истакнуваат дека возачите на моторни возила, посебно младите, потребно е да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, како ранлива категорија учесници во сообраќајот и секогаш да им овозможуваат првенство на минување. Пешаците да ги користат обележаните пешачки премини, додека велосипедистите да се движат по патеките наменети за нив.

На овој начин од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата сакаат да придонесат за унапредување на сообраќајната превенција, да се подигне сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука