јуни 25, 2017

Охрид, 25. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Туристичкото лето во Охрид, првиот македонски туристички, но и летен културен центар, пулсира со сета раздвиженост, а не само календарски.

Градот постепено се полни со гости, особено викендов плажите се преполни, за што погодува исклучително топлото време, но и пријатната за капење температура на водата во Охридското Езеро. Навечер, врие од шетачи, сите летни бавчи се полни, шеталиштата исто така, езерските води ги параат бројни катамерани и други пловила, на задоволство на бројните гости, кои не заминуваат без да го видат старото градско јадро и од внатрешната-езерска перспектива.

Она што е посебно за бележливо во Охрид, оваа и минатите години, е што имаме бројни фолклорни или хорски фестивали, речиси секој викенд. На шеталиштето, плоштадот, низ градската чаршија забележлива е шареноликоста од бои, носии, традиции. Посебна колоритност на крајбрежјето, околу пристаништето и шеталиштето му даваат бројните учесници на културни манифестации. Само што заврши, Меѓународниот хорски и фолклорен фестивал „Охридски бисер“, на кој учествуваа 450 уметници,  играорци и хористи од Турција, Бугарија, Србија, Албанија, Германија, Полска и други земји.
Некои за првпат, некои веќе биле во бисерот на Балканот. Со дел од нив со кои успеавме да поразговараме ни рекоа дека ваквите настани се одлични пред се` од аспект на дружењето и склопување на нови пријателства.

tereza kesovijaСиноќа многумина од Охрид, особено гости, се упатија во импресивниот амбиент на населбата Вевчани, под сенките на планината Јабланица, на забава и дружење со Тереза Кесовија.

Викендов, исто така, за прв пат се музицираше под акустичните сводиви на катедралната црква „Св. Софија“, каде целовечерен концерт имаше младата флејтистка, охриѓанката Тамара Џајковска, во пијано придружба на Доминика Робе, а  со изведби на дела од Рајнике, Ибер, Телеман, Чајковски, Кларк…

slovenijaВo Охрид, во тек е фестивалот „Словенија во Охрид 2017 година“, кој трае се до 27-ми јуни. Се одржува по втор пат и преминува во една традиција во која меѓу другото се одбележува и денот на Република Словенија.

За него, за прв пат летово, беше отворена импресивната летната сцена на Долни Сарај, каде во саботата вечерта, на отворањето се обрати амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Милан Јанзбец. Словенија, во Охрид има и свој почесен конзулат. Концертниот дел го исполни Зоран Предин со најпознатата словенечка група Лачни Франс, по што групата настапи со изведби на повеќе локации низ градот.

Почнаа и бројни манифестации на книжевен план, а во Галеријата на „Куќата на Робевци”, континуирано, секоја недела, се одржуваат ликовни изложби.

Синоќа, во кафе „Аквариус“ во Охрид, беше промовирана најновата книга на авторката Ана Бунтеска, член на ДПМ, насловена: „Да му се насмееш на животот“. Бунтеска има објавено две книги поезија: „Стави лајк на сопствениот живот“ и „Колку е потребно за среќа“. За оваа стихозбирка, Бунтеска е добитник на традиционалната награда Македонска книжевна авангарда, која ја доделува Фондацијатата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје.

Долгото охридско културно лето, ќе влезе во својот зенит, во првата недела на следниот месец, кога, од 6-ти до 9-ти јули, година ќе се одржи 56-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, најстарата фолклорна манифестација на Балканот, застапена и во Каталогот на ИОВ – најзначајни фолкорни манифестации во светот.

balkanskiopstoВо изминативе години на Балканскиот фестивал се презентирани околу 50.000 пејачи, играорци и инструменталисти од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Мексико Малезија, Коста Рика, Нигерија и други земји.

Конечно, на 12-ти јули, традиционално на Петровден, ќе биде отворен свечено и Меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, нашата најзначајна културна манифестација, македонскиот прозорец кон светот – и од светот кон нас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука