јуни 27, 2017

Охрид, 27. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре и задутре во четирите охридски средношколски центри ќе се спроведе пријавување на учениците во јунскиот уписен рок, а согласно објавениот конкурс, во Охрид има вкупно 1 190 слободни места за идните средношколци.

Во охридската гимназија своето образование ќе може да го продолжат 272 полуматуранти, кои ќе бидат распоредени во осум паралелки. Кандидатите мора да имаат минимум 60 поени за да можат да се запишат.

Во стручното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“ има 170 места, а предвидени се пет паралелки. Во економско – правната струка ќе може да се запишат 136 ученици, кои треба да обезбедат минимум 60 поени и 34 ученици во здравствената струка, кои треба да имаат 70 поени.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ќе може да се школуваат 442 ученици, од кои 374 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик). По струки, во машинската се предвидени 102 места, во електротехничката 238, козметички техничар 34 и сообраќајна струка 64 места.

За вкупно 306 места ќе може да конкурираат заинтересираните ученици за ОУТУ „Ванчо Питошески“. За угостителско-туристичка струка се предвидени 238 места, додека на хемиско – технолошката струка може да се запишат 68 ученици.

Инаку, на републичко ниво има 35.909 слободни места, за стручните струки, гимназиско образование и уметничко образование.

Резултатите од првото пријавување ќе бидат објавени во петок, 30-ти јуни. Доколку во некое училиште има повеќе пријавени кандидати од предвидената уписна квота, на 3-ти јули  ќе се реализира квалификационо тестирање, а резултатите ќе се знаат следниот ден.

Втора шанса за пријавување во овој уписен рок е 5-ти јули. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 6 јули.

Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе се врши на 24-ти  август. Училиштата пак кои во двата уписни рокови нема да успеат да ги пополнат местата, ќе продолжат со запишување на ученици до 31- ви август. (Крај)

извор: ОхридПрес    фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука