Охрид, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денеска продолжува пријавувањето на полуматурантите во јунскиот уписен рок во средните училишта, а според информациите кои ги добивме, од четирите охридски средношколски центри се задоволни од интересот на учениците.
Во охридската гимназија своето образование ќе може да го продолжат 272 полуматуранти, кои ќе бидат распоредени во осум паралелки. Во текот на вчерашниот ден таму аплицирале повеќе од 170 ученици.
И од средното економско училиште се задоволни од бројот на пријави. Таму дури има двојно повеќе пријавени кандидати од предвидената квота – 34, за упис во здравствената струка. Согласно условите од конкурсот, таму ќе мора да биде спроведено квалификационо тестирање.
Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ќе може да се школуваат 442 ученици, од кои 374 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик). По струки, во машинската се предвидени 102 места, во електротехничката 238, козметички техничар 34 и сообраќајна струка 64 места.
Задоволни од текот на првиот ден за уписи се и од ОУТУ „Ванчо Питошески“, од каде не информираа дека најголем интерес идните средношколци од Охрид, но и од други македонски градови, покажале за струката угостителско-туристички техничар, за која има 238 слободни места. Од годинава во ова училиште има и нов образовен профил, техничар за рурален развој.
Резултатите од првото пријавување ќе бидат објавени утре.
Втора шанса за пријавување во овој уписен рок е 5-ти јули. Резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 6 јули.
Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе се врши на 24-ти август. Училиштата пак кои во двата уписни рокови нема да успеат да ги пополнат местата, ќе продолжат со запишување на ученици до 31- ви август. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива