Охрид, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид поднесе кривични пријави против двајца жители на Охрид, кои во два посебни случаи извршиле кражби во верски објекти и во погон за мебел.
Лицето С.Ш. (30) од Охрид во текот на март, април и мај оваа година, извршил кражби во неколку цркви во Охрид и околните населени места, како и во една џамија во Охрид.
Во црквата „Св.Тома“ во с. Лескоец, пријавениот одзел околу 600 денари. Во црквата „Св.Цар Костадин и Елена“ во Охрид влегол внатре, но не одзел ништо. Исто така, влегол и во црквите „Св.Наум“, „Св.Тома“ и „Св.Спас“ во селото Лескоец каде одзел одредена сума на пари.
На 1-ви мај во раните утрински часови, пријавениот влегол во џамија на ул. „Гоце Делчев“ од каде одзел 1000 денари.
Покрај тоа, СВР Охрид поднесе кривична пријава против лицето Р.Ј. (37) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “тешка кражба”.
На 16-ти и 17-ти овој месец пријавениот со употреба на алат влегол во погон за производство на мебел и одзел поголема количина рачен алат со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 200.000 денари. (Крај)
извор: МВР фото: архива