Охрид, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Триесет и пет млади ликовни творци и пет ментори-професори по ликовна уметност од Република Македонија учествуваат на 11-от образовен-ликовен камп „Ванѓел Коџоман“ што се одржува во Струга и Охрид.
На кампот, како што соопшти организаторот Детскиот ликовен центар, изработени се 80 ликовни творби во техниките: акрил и темперана платно, молив, графит и пастел на хартија, туш во боја на хартија, комбинирана техника на хартија.
Делата беа создадени во Струга со посета на постојаната поставка во галеријата со ликовни дела на академик – проф. Ванѓел Коџоман, еден од основоположниците на македонското современо сликарство и ликовна уметност во Република Македонија. Најчесто користени мотиви се старата градска архитектура во Струга и струшката чаршија, Радожда, Калишта, Охридското Езеро, манастирот Св. Наум, црквите Св. Софија и Канео, старата охридска архитектура, Плаошник, Самуиловата тврдина…
Најуспешните ликовни творби ќе бидат изложени во зградата на Кинотека на Македонија – библиотека „Другарче“ во Скопје по повод Денот на независноста на Република Македонија – 8-ми септември. (Крај)
извор: А1он фото: А1он