Охрид, 30. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Успешно изгаснат пожарот што претпладнево ја зафати ниско стеблестата вегетација на ул. „Кирил и Методиј“ во населбата Кошишта.
– Дојавата за пожарот ја добивме 09.20 часот, по што веднаш излеговме на терен. Интервениравме со две возила и 6 пожарникари. Заради сувото и топло време пожарот беше брзо проширен, со голема веројатност да биде зафатена и околната борова шума. Но, веќе во 09:45 пожарот беше ликвидиран, изјави за Супер радио и OhridPress заменик командирот на Територијалната противпожарна единица, Горан Маркоски.
Со оглед на високите температури, Маркоски рече дека и во текот на вчерашниот ден имале две интервенции на отворен простор, окарактеризирани како палење со намера да се исчисти одреден простор од капини, трња и друг органски горлив материјал.
Маркоски апелира до граѓаните на Охрид и Дебрца да не се врши палење на отворен простор, поради високите температури и присуството на ветар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива