Скопје, 2. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера ненадејно почина нашиот познат и ценет Прим. др. Љубинко Трпеноски.
Трпеноски е роден 1952 година во струшко Октиси. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1981 година, во 1989 година специјализирал Интерна Медицина на Медицинскиот факултет во Скопје. Бил на неколку стручни усовршувања во Љубљана-Словенија, Нирнберг, Улм и Штеглиц, Германија. Својот животен век го посветил на нефролошката дејност и пациентите на дијализа во Република Македонија, како лекар раководител на центрите за дијализа во Заводот за нефрологија во Струга и Воената Болница во Скопје. Работел и како интернист во други здравствени установи.
Член е на повеќе стручни здруженија на лекари и еден од основачите на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во 2003 година, каде е член и претседател на Извршниот одбор и претседател на Собранието.
Како голем борец за правата на пациентите и на лекарите истовремено јавноста ќе го памети по неговите залагања за развој и унапредување на дијализното лекување и трансплантацијата на бубрези во Република Македонија, особено за развој на кадаверичната трансплантација.
Погребот ќе се изврши утре, 3-ти јули 2017 година на Градските гробишта во Струга од 13 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива