Охрид, 2. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Традиционалната манифестација „Научна и уметничка визита“ во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) до 28-ми јули ќе се одржува во куќата на Уранија во Охрид.
Во рамките на програмата деновиве беше одржана лингвистичка работилница на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ), а во соработка со Филозофското друштво на Македонија на 6-ти јули со почеток во 20:00 часот ќе се одржи работилница „Културната антропологија и социологија“.
Работилница ќе има и на 10-ти јули, која ќе биде насловена „Балканските и европските дискурси за естетиката и симбологијата“, додека на 15-ти јули ќе се одржи предавање на тема „Илјада години од живописувањето на Св. Софија“ што ќе го одржи академик Цветан Грозданов.
Визитата продолжува на 20-ти јули кога ќе биде отворена изложбата „Акварели од академик Васко Ташковски“ по повод 80 години од неговото раѓање.
Според програмата, академик Иван Катарџиев на 26-ти јули ќе одржи предавање на тема „71 година од добивање културна автономија на Пиринска Македонија“, а на 28-ми јули ќе има поетско-ликовна вечер. Проф. д-р Иван Џепароски ќе ја промовира книгата „Извештаи на рисот“, која содржи песни од Славе Ѓорго Димовски и цртежи од Сергеј Андреевски. (Крај)
извор: Вечер фото: архива