јули 2, 2017

Охрид, 2. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Двајцата полски државјани, кои возејќи моторцикл, се здобија со тешки повреди, во сообраќајката која вчера се случи на влезот од Охрид, а во која учествуваше и патничко моторно возило со струшки таблици, се наоѓаат надвор од животна опасност, откако над нив интервенираа две екипи хирурзи од Специјалната болницата за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.

Тешката сообраќајка се случи во близина на Специјалната болница, која важи за установа во која работат врвни лекари со долгогодишно искуство за вакви зафати, а до која повредените со возила на итната медицинска помош, беа донесени во најкусо време. Најитно им е пружена соодветна лекарска помош, по што врз нив се извршени медицински зафати.

Со брза интервенција, лекарите успеаја да ги спасат животите на полските државјани кои беа тешко повредени. Хирург од болницата, кој бил дел од првата екипа, за Макфакс, објасни дека многу брзо откако повредените биле донесени, се формирале два тима во болницата кои истовремено извршиле хируршки зафати врз 30-годишната девојка и 33-годишното момче од Варшава.

Врз двете лица биле извршени по три интервенции кои траеле 6 часа и за среќа имале позитивен резултат. Како што информираат лекарите, во моментов повредените се наоѓаат во стабилна состојба. Лекарот објаснува дека пациентите биле донесени во тешка состојба, со отворени, ситни скршеници по екстремитетите, веќе контаминирани, во допир со околината на местото на несреќата.

Тешката сообраќајна незгода се случи вчера во 13:30 часот на патот Охрид-Кичево, на самиот излез од Охрид. Момчето и неговата девојка, и двајцата од Варшава, преку Црна Гора и Албанија, патувале на летување во Охрид. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука