Охрид, 3. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден и утринава колони граѓани со возила, но и пеш, се упатуваат кон манастирскиот комплекс да оддадат почит, да запалат свеќа и да се помолат на светецот – чудотворец, Св. Наум Охридски.
Ги имаше од сите краишта на земјава, православни, католици, муслимани…
По повод празникот се служеа празнична вечерна богослужба, а утринава света архиерејска литургија.
Свети Наум Охридски Чудотворец роден 830 година, е средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.
Починал на 23-ти декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква.
Свети Наум остана во споменот на народот како чудотворец, со моќ да лекува и за време на животот и по смртта, да помага при најразлични болести и на луѓе од разни вероисповести, односно на сите што искрено и со верба му се обраќале, без разлика на вера и народности. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес