Струга, 7. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во знак на револт поради загадувањето од депонијата и инертноста на власта, граѓани на Струга доцна синоќа повторно го фрлија ѓубрето пред општинската зграда.
Во тој момент им пришла друга група луѓе, кои го изразиле своето негодување од постапката на првите. По мала расправија, турканица и интервенција на полицијата, страстите сепак се смириле.
Стружани своето незадоволство поради нерешавањето на проблемот со депонијата, која одново се запали и ги труе стружани, на ваков начин го изразија и пред два дена.
Тие потенцираат дека овој проблем е присутен години наназад, а некој профитира од тоа и си игра со нивното здравје. Стружани изјавија дека нема да престанат со притисокот додека не се најде решение за проблемот со депонијата.
Деновиве ескалираше проблемот со загадувањето од депонијата, која со децении е хроничен проблем на стружани. Изминативе недели се одржуваа протести за чист воздух, на кои граѓаните побараа одговорност од надлежните и решение на проблемот со струшката дива депонија. (Крај)
извор: ОхридПрес/strugaonline.mk фото: strugaonline.mk