Охрид, 11. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светски познататиот музички состав, џез квартетот „Форплеј“, кој две и пол децении ужива уметнички и комерцијален успех, утревечер ќе го отвори 57-то издание на нашата најпрестижна музичко – сценска манифестација, фестивалот „Охридско лето“.
Колективот на џез музичари од 21:00 часот ќе приреди невиден спектакл на Античкиот театар, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Емин Џијан.
– За прв пат во историјата на фестивалот на свеченото отворање ќе имаме џез настан, кој предизвика невиден интерес кај публиката. За утрешниот концерт пристигнуваат љубители на џезот буквално од целиот регион, истакна директорот на Охридско лето, Оливер Арсовски.
Овој квартет креира музика која имплементира елементи на R&B, поп и други стилови во нивниот веќе препознатлив џезерски стил, потенцира музичкиот селектор на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски.
– Низ годините нивните над 12 албуми доживуваат фантастичен успех кај јавноста и критиката, се искачуваат на врвот на Билборд листата на современи џез албуми.Овој бенд во јавноста е познат како бестрашен, кога станува збор за експериментирање и поместување на границите на современиот џез, рече Цуцковски.
Музичарите со светско реноме кажаа дека го имаат пропатувано светот, а за првпат се во Македонија.
– Чест и задоволство ни е што ќе соработуваме со еден о локалните филхармониски оркестри, на тој начин ќе го почувствуваме духот на Македонија. Од она што досега успеавме да го видиме, ни се допаѓа и државата и луѓето, рече Боб Џејмс од „Форплеј“
– Среќен сум што соработуваме со луѓето од Македонија, а посебно што сум во земја која е спомената во Библијата, рече музичарот Харли Мејсон.
Членовите на џез квартетот имаат високи очекувања од утрешниот настап и ветуваат едно прекрасно искуство за целата публика со мешавина на класична и џез музика. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес