Охрид, 11. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Опасноста од силен земјотрес е помината, објектите во Охрид што се однесува до статиката се добро градени, истакнаа на денешната прес конференција надлежните од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија.
Дваесетина експерти од Институтот се во Охрид и помагаат за ефикасно справување со последиците од серијата земјотреси.
– Тлото ќе се смири, дали ќе биде тоа за една недела или месец, интензитетите ќе бидат се помали. Земјотресите не можеме да ги спречиме, тие се природна појава. Сега ќе излеземе на терен во обиколка на објектите каде се пријавени оштетувања. Ќе направиме и испитувања колку се сигурни одредени објекти како болници, институции, училишта, потенцира Вероника Шендова, претставничката на екипата на Институтот за земјотресно инжинерство и сеизмологија.
Таа истакна дека нивни тимови една недела остануваат во Охрид, ќе работат на проценка на штетите заедно со општинските комисии, а ќе обучат и градежни инженери кои стручно ќе ги проверуваат оштетените и јавните објекти. Паралелно со тоа ќе се води и широка јавна кампања за потребата од асеизмичко градење објекти.
Од Општинскиот штаб за заштита и спасување информираа дека испратиле барање до Министерството за транспорт и врски за државни инспекциски и градежни служби да дојдат во обиколка на старото градско јадро, односно да ги евидентираат објектите кои имаат сопственик, но во кои нема постојани станари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива