Охрид, 14. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Сезоната на капење во Охрид е во полн ек, па охридскиот Црвен крст, во насока на потсетување на важноста од одговорно однесување во вода, излезе со Кодекс за безбедност на вода.
– Не влегувај загреан во вода, не скокај во вода со непозната длабочина, никогаш не пливај сам, не пливај најмалку еден час после оброк (јадење), не пливај ако си конзумирал алкохол, се само дел од препораките содржани во Кодексот. Во него се содржани и совети за родителите, во секој момент да ги имаат во вид своите деца, будно да го следат нивното движење особено кога пливаат или се играат во вода.
Според податоците на Службата за спасување на вода на Црвен крст Охрид, најголемиот број несреќи на вода се предизвикани од човечкото однесување. Причините можат да бидат недоволно познавање на пливање, ризично однесување на капачите, злоупотреба на алкохол и опојни средства, разлика на температурата на телото и водата, повреда при влегување во вода, истоштеност и многу често паника.
Процесот на давење трае од 3 – 5 минути и затоа брзината на делување и знаењето да се укаже прва помош се неопходни за спасување на човечкиот живот. Постапките на укажување на прва помош кај давеник насочени се кон воспоставување на задоволително снабдување на ткивата со кислород. Доколку се забележи некој во неволја, исклучително е важно веднаш да се побара помош и задолжително да се повикаат спасителите на вода кои се оспособени за укажување на прва помош, додаваат од Црвен крст.
Оттаму апелираат до секој поединец за одговорно влегување во вода и водење грижа за својата, но и сигурноста на другите луѓе во близина. Она што особено го нагласуваат е да не се влегува во вода на плажа каде нема спасители. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива