Охрид, 17. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Зима среде лето! Уште тоа ни фалеше, после едномесечното тресење на земјата!
Ова се најчестите коментари меѓу охриѓани, особено оние што издаваат станови и соби преку лето, откако ноќеска температурата се симна под десеттиот степен. Ладно беше утрово и целото претпладне.
Сликата на крајезерското шеталиште, оддаваше впечаток како да сме влезени во есен. Шетачите во топли облеки, кејот слободен за велозипедите-чези, кајчарите без работа, сите бродови укотвени.
Само двајца млади скопјани, ги забележавме како му пркосат на ладното време, скокајќи во водите на езерото.
Поради временските неприлики, невообичаени за овој период од годината, ниските температури, ветерот и можноста за врнежи од дожд, дојде и до првите преселување на претставите од фестивалот „Охридско лето“ – од отворени на затворени сцени.
Театарската претстава „Име“ на НУ Театар Комедија од Скопје, која беше закажана за утре во 22:30 во предворјето на црквата „Св. Софија“ ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21:00 часот. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива