јули 20, 2017

Охрид, 20 јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од вчерашната јавна расправа во Охрид, за влијанието на животната средина на проектот за изграба на Интегриран систем за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион, селото Годивје, во општина Дебрца, беше наведено како најсоодветна локација за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион.

Во него спаѓаат и општините Охрид и Струга, додека зафатот треба да се реализира со средства од ИПА фондовите. И покрај тврдењата, дека оваа инсталација ќе биде изградена според највисоки еколошки стандарди, со линија за селекција на отпадот кој ќе биде третиран и од него ќе се произведува био гас, а само мал дел ќе биде депониран, се јавија првите реакции и противења. Први реагираа екологистите, уште во текот на јавната расправа.

– Во случај на хаварија на депонијата што не е неможно може да има големи штети и загадувања на водата во Охридското Езеро и животинскиот и растителниот свет. Баш ме чуди зошто во сливот на Охридско Езеро, зошто не се префрли преку Пресека или да се избере некоја локација во реоните кои не се во сливот на Охридското Езеро, како Дебар на пример или по течението на Дрим каде не може да се загрози езерото – се спротивстави д-р Трајче Талевски – експерт по животна средина.

Со реакција, се јавија и советниците од СДСМ во општина Дебрца, со констацијата дека нивната општина е најмала по број на жители во Југозападниот плански регион и енајмал создавач на отпад, а таа треба да ги трпи последиците.

– Во врска со одржаната Јавна расправа по Студијата за влијанието на Интегрираниот систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион врз животната средина, на која како најсоодветна локација за изградба на регионалната депонија беше посочена локацијата во атарот на село Годивје, Дебрца, како советничка група на СДСМ во Советот на општината Дебрца го поздравуваме секој проект кој е во правец на решавање на проблемите со управувањето со отпадот на регионално ниво, но сметаме дека посочувањето на Дебрца, како локација за изградба на регионалната депонија во најмала рака е несреќна замисла, несоодветна и неприфатлива од повеќе причини, се вели во соопштението на СДСМ за Дебрца.

otpad2

Тие додаваат дека се работи за локација која се наоѓа во чиста, здрава животна средина и недопрена природа, односно целокупната област на Дебрца претставува своевиден споменик на природата.

Второ, избраната локација се наоѓа во сливот на Охридското езеро, кое е заштитено од УНЕСКО и во случај на хаварија на инсталацијата, кое и покрај ветувањето дека ќе биде изградена според највисоки еколошки стандарди, може да доведе до големи штетни последици по животинскиот и растителниот свет во сливното подрачје и во самото Охридско Езеро.

Трето, локацијата е во непосредна близина на важната сообраќајна артерија од Коридорот 8, Автопатот А2 и изградбата на инсталацијата на таа локација е спротивно на еколошките стандарди, пропишани со националното законодавство и Директивите за животната средина на ЕУ. Советниците побараа од градоначалникот на општина Дебрца јавно да се изјасни и ја отфрли оваа иницијатива, а претседателот на советот на општината свика седница на советот, на која советниците ќе се изјаснат по иницијативата.

– Бараме по иницијативата да се изјасни и стручната и заинтересираната јавност од Дебрца и другите засегнати општини од регионот. Крајно, ако е потребно, ќе побараме по иницијативата да се изјаснат и граѓаните на Дебрца, преку облиците на граѓанско изјаснување, согласно Законот за локалната самоуправа и Статутот на општина Дебрца, се вели во соопштението. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука