јули 20, 2017

Охрид, 20. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Фестивалот „Охридско лето“ е најсилната културна институција во локални, државни, но и во европски рамки. Токму затоа е предизвик за мене за да се направи соодветна програма, изјави новиот селектор на драмската програма на Охридско лето, Зоран Љутков за емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

– Со посебно внимание се пристапува кон драмската програма. Охрид нуди многу сцени, па од тој аспект се правеше програмата и можам да видам колку е шаренолика и колку е за сечиј вкус. Изненаден сум од првата претстава „Жаба“, имаше многу повеќе публика и силни реакции. Фестивалот „Охридско лето“ е многу подобар од она што го очекував. Ако овој успех се случи и со претставата „Ана Комнена“ вечер, а верувам дека ќе се случи затоа што е претстава која како да е специјално правена за овој простор. Се поклопи точно со просторот во „Св. Софија“ и верувам дека вечерва ќе биде посебно доживување, вели Љутков.

Новиот селектор на драмската програма на „Охридско лето“, Зоран Љутков истакна дека годинава фестивалот ќе понуди четири претстави од домашни театри, од кои три премиери и четири претстави од меѓународната сцена, при што акцентот ќе биде ставен на трите премиери на македонските театри.

Емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио со водителката Александра Алексијевска се емитува во живо од популарното Бистро „Корнер“ во Охрид на Супер радио, секој работен ден во терминот од 12:00 до 14:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука