јули 20, 2017

Охрид, 20. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Трошиме уште една летна сезона во која на градот му недостасува специјален брод и опрема за гаснење на пожари од вода, со што ќе може да се реагира доколку дојде до пожар на некој пловен објект… ќе добие ли Охрид конечно пловило за гаснење пожар од вода?

Територијалната противпожарна единица – Охрид, на барање на Секторот за туризам и локален економски развој достави список на возила кои се неопходни и итно потребни за оваа служба. Ова го правиме за да не ни се случуваат ситуации како од пред некоја година кога изгоре едрилица, а немавме можност да реагираме, истакна заменик командирот на охридската противпожана единица, Горан Маркоски.

– Меѓу приоритетните го наведовме токму специјалниот пловен објект за гаснење пожари од вода. Едно  такво пловило чини околу 200 000 евра. Би било опремено со монитори и пумпи со голем капацитет. Со него ќе може да вршиме заштита на приобалниот дел кој не ни е достапен со возила и гасење на пожари, иако ретки, на други пловни објекти, вели Маркоски.

goran_markoski_640x360

На градот му недостасува ваков специјален објект. Покрај тоа била наведена и потреба од набавка на возило за шумски пожар, како и командно возило и цистерна, бидејќи постоечките возила се уште од далечната 1974 година.

– Многу важен момент е што во Македонија немаме возило со хидраулична скала, со минимум должина на скала од 30 метри. Охрид е туристички град, имаме високи хотели и згради, а немаме вакво противпожарно возило, со скала и зглобна платформа преку која може да се извлекуваат и луѓе, потенцира Маркоски.

Освен неможноста за гаснење пожар од вода, рак рана е и справувањето со евентуална огнена стихија во стариот дел на градот. Не се проблем само паркираните возила туку и висината на објектите, рече Маркоски и додаде дека токму возилото за шумски пожари би се употребувало за гаснење пожари по тесните староградски улички. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука