јули 20, 2017

Охрид, 20. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – По концерот на феноменалните „Форплеј“, со кое беше отворено годинашното „Охридско лето“ и концертот на „Биг Бенд“ на Здружението на џез музичари, од утре па до недела повторно ќе царува џез музиката.

Џез викендот, што е новитет во фестивалската програма започнува утревечер со концертот на холандско-британското „Доминик Маршал трио“ на сцената Долни сарај.

Според програмата ќе има по два концерти дневно, во термините од 21:00 и 22:30 часот на Долни сарај. Ќе настапат македонско-данскиот бенд „МОМБ“, данскиот гудачки квартет „Т.А.О.“, финската уметничка на бандеон и хармоника Хели Сиекинен и американско-британскиот „Project Hideaway“, за в недела да финишира со настапот на американскиот бенд предводен од Лери Дан.

Тој е познат клавијатурист, поранешен член на групата „Earth, wind and fire“, кој истакна дека заедно со  неговата сопруга и пријателите се почестени што се во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“.

leridan

– Задоволни сме од приемот, од ова убаво, прекрасно место, полно со историја. Се сеќавам прв пат на овие простори, за прв пат во Белград, Србија, 1975 година. Ќе изведуваме наши авторски композиции, класични џез дела и дел од светските хитови на „Earth, wind and fire“.
Сцената ја видовме и многу е возбудливо чувството да свириме и воедно да ја гледаме убавината на Охрид и езерото, рече Дан.

presohrisko2

Финската уметничка Хели Сиекинен истакна дека специјално за фестивалот ќе настапува со програма малку поразлична од нејзиниот вообичен репертоар.

Познатите џез уметници открија дека ќе ја изненадат публиката со композиции кои ќе ги изведат во 7/8 такт, кој е препознатлив белег на македонската музика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука