Охрид, 21. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонските општини имаат неплатени долгови во висина од 4,6 милијарди денари, а меѓу најголемите дожници е Охрид, со неплатени обврски во висина од 719 милиони денари.
По нас следуваат Тетово и Карпош, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски.
Локалните претпријатија основани од општините имаат неплатени обврски од 2,5 милијарди денари, а највисоки обврски имаат во Куманово, Охрид и во градот Скопје.
Само во областа на културата, државата должи 2,4 милијарди денари, додека неплатените обврски на јавните здравствени установи изнесуваат 3,2 милијарди денари.
Заклучно со 31-ви мај 2017 година, фондовите, јавни претпријатија и општините должат вкупно 22 милијарди денари или 363 милиони евра. Според министерот Тевдовски, оваа сума не влегува во вкупниот јавен долг на државата, односно дека станува збор за преземени и неплатени обврски. Сите долгови на државата се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива