Охрид, 21. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Територијалната противпожарна единица од Охрид, за 20 дена месецов имала 24 интервенции за гаснење на пожар, бројка што е релативно висока.
Во текот на овој месец забележавме и 18 технички интервенции. Наши екипи интервенираа на подрачјето на општините Охрид и Дебрца, а како помош испративме екипи и во соседна Струга и Ресен.
– Претежно интервенциите беа на отворен простор, за запалена сува трева, трска, ѓубре, како и станбени објекти и куќи каде настанал пожар како последица на неисправна електрична инсталација, броило и од невнимание на лица кои оставиле вклучени електрични апарати, рече заменик командирот на охридската противпожарна единица, Горан Маркоски.
Ако се погледне статистиката изминативе години, оваа бројка на интервенции за нецел месец е поприлично голема. Во текот на месец јули минатата година, пожарникарите интервенирале во 19 случаи, додека пак во текот на месец јуни 15 пати излегле на терен да гаснат пожар. Во текот пак на месец јули 2015 година бројот на интервенции бил 18.
Во текот на овој месец нивни екипи беа присутни и на поголемите културни и забавни манифестации што се случуваа во градов. Тој истакна дека иако не е во доменот на нивната работа, сепак излегуваат во пресрет за безбедноста на граѓаните. Често пати се случува да интервенираат во ситуации како извлекување на заглавени лица од станови, а како последица на земјотресите, интервенирале и на неколку делумно разрушени оџаци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива