Охрид, 23. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со предложените измени на законот за заштита од пушењето апсолутно не се нарушени правата на непушачите е ставот на охридскиот угостителски еснаф.
Првично, предлог иницијативата на група пратеници потекна од еснафот и во многу наврати правеле обиди таквиот закон да дојде во собраниска процедура. Сега конечно, нашите предлози вродија со плод, истакна претседателот на охридскиот угостителски еснаф, Михаил Мишев.
– Во јавноста постојат некои недоразбирања и нејаснотии во врска со тој закон. Ние како еснаф, разговаравме со еснафите од поголемите градови, конкретно од Битола и Скопје. Нашата интенција не беше секаде да се овозможи пушење во објектот, туку да има еден дел во кој ќе биде дозволено да се пуши, рече Мишев.
Ваквите измени се најмногу потребни во зимскиот период, кога времето е студено. Токму со предлогот се бара во надворешните тераси на рестораните и кафулињата, без разлика на временските прилики, да може без ограничувања да се пуши.
Според Мишев, со ова не се нарушени правата на непушачите, тие ќе имаат свој дел. Овде се работи за обезбедување дел во кој пушењето ќе биде дозволено, без разлика дали е лето или зима.
– Доколку се изгласаат овие предлози тоа ќе биде олеснителна околност за нас угостителите, бидејќи казните со кои се соочувавме беа драконски. Се надеваме дека таквиот момент ќе го избегнеме, како и стресот со кој работевме со ваквите измени во иднина ќе биде надминат, истакна Мишев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива