јули 23, 2017

Охрид, 23, јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во македонскиот туристички центар Охрид, викендов, допатуваа голем број гости од земјата и соседството, што на градот му го вратија вистинскиот летен шмек, со полни кафулиња, шеталишта, плажи, паркиралишта.

Од почетокот на главната туристичка сезона, овој викенд го донесе шпицот според пополнетоста на хотелите, приватното сместување, многуте викенд станови, куќи и викендици. На македонскиот дел од Охридското Езеро – од Свети Наум до Радожда плажите се насекаде преполни, а сообраќајот во шпицовите се одвива отежнато, но без застој.

Во прилог на туристите им оди и времето. Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, температурата на Охридското Езеро изнесува 21.5 степени Целзиусови, а измерена е минималната температура на воздухот од 16 степени.

– Температурите ќе бидат во пораст и во наредните денови. Денес ќе достигнат до 33, а во понеделник ќе се искачат до 40 степени Целзиусови, информираат од УХМР Македонија.

Во Охрид, врие од забава и културни случувања. Ликовни изложби на повеќе места, концерти на отворено, многу гостувања на популарни групи и исполнители.

По концерот на феноменалните „Форплеј“, со кое беше отворено годинешното „Охридско лето“ и концертот на „Биг Бенд“ на Здружението на џез музичари, во Охрид царува џез музиката, со Џез викендот, што е новитет во фестивалската програма. Според програмата ќе има по два концерти дневно, во термините од 21:00 и 22:30 часот на Долни сарај.

Вечерва Џез-викендот финишира со настапот на американскиот бенд предводен од Лери Дан, откако синоќа настапија македонско-данскиот бенд „МОМБ“, данскиот гудачки квартет „Т.А.О.“, финската уметничка на бандеон и хармоника Хели Сиекинен и американско-британскиот „Project Hideaway“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука