јули 23, 2017

Охрид, 23. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на општина Дебрца, една од помалите во земјата, ако треба со жив штит ќе ја бранат незагадената природа, од намерите, таму да се гради регионалпна депонија.

Во подкараорманското село Годивје, во чија близина е замислено да се гради депонијата, се собраа жители од целата општина, но и од Охрид, Скопје и други градови, меѓу нив и познати личности, како писателот Трајан Петроски и многу други. Собирот финишираше со избор на Координативно тело кое ќе раководи со активностите против изградба на регионална депонија.

Во него влегоа, главно стручни луѓе: Д-р Бошко Ставрески – абдоменален хирург, д-р Јадранка Бинањ – експерт по екологија, Трајан Трајчески – дипломиран електро инженер, Крсте Блажески – дипломиран економист, Трајан Ангелоски – професор по историја, Дончо Герасимовски – магистер по географски науки, поранешен прв човек на Заводот за статистика, Добре Чолески – концесионер на ловно друштво „Караорман“, Лазо Наумоски – дипломиран агроном познмат екологист од Охрид и Никола Стојаноски – електро техничар.

Собирот застана зад локалното население во Годивје кое протестира против изградба на регионална депонија во атарот на селото. Тие не се согласуваат со проценките на експертите дека оваа локација која се наоѓа во сливот на Охридското Езеро, е најпогодна за изградба на инсталација за преработка и депонирање на отпад и сметаат дека таа негативно ќе влијае на животната средина. Сите учесници на собирот го поддржуваат раководството на општината, кое бара најитно да се сопрат сите активности околу проектот за изградба на регионална депонија во село Годивје.

– Апелирам до надлежното министертво веднаш да ја прекине постапката да не биде после предоцна, ние активно ќе го браниме тој простор, вели Даниел Огненоски, претседател на Советот на општина Дебрца.

За вторник, 25-ти јули е закажана вонредна седница на Советот на општината. Жителите од Дебрца, им ставија јасно до знаење на советниците, во овој момент да не исправуваат партиски „криви Дрини“, туку да застанат цврсто и едногласно во одбрана на честа на Дебрца.

Писателот Трајан Петроски, кој, исто така, говореше на собирот, укажа на тежината на задачата на советниците, бидејќи, како што рече, постои опасност Дебрца, од светилник на историјата, да се претвори во буниште!?

Својот глас го кренаа и поранешни функционери, како екс-спикерот Трајко Велјаноски, пратеникот Илија Димоски и други звучни имиња по потекло од Дебрца, но многумина ним и на сегашниот градоначалники од ВМРО-ДПМНЕ, Трајковски им забележуваат зошто молчеле досега. Во тој контекст, на собирот можеше да се случи и инцидент, кога еден од мештаните сакаше и физички да се пресмета со актуелниот градоначалник.

Писателот Трајан Петроски, вели дека и пред десетина години, се покренала слична иницијатива, тогаш со поддршка на австриски донации, а тој лично пишувал протестнми писма до локалните и централните власти. Овој пат, се работи за проект поддржан од фондови на ЕУ,мегутоа спорна е локацијата. На пример, за локација е одбрана, единствената висоравнина под селото Годивје, која во времето додека постоеше ЈНА, беше резервна писта за нужно слетување на воени авиони. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука