Охрид, 25. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – На денешното рочиште беше одложена главната расправа во повторениот судски процес за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски.
Во текот на подготовките за главна расправа, воведен збор имаше бранителот на обвинетиот, како и самиот обвинет Бојан Угреновиќ, кој иако на 15-ти декември минатата година се изјасна дека се чувствува виновен, на денешното рочиште тој го порекна претходно даденото признание на вина. Од Адвокатското друштво „Мујоски“, кои се овластени полномошници на оштетените, изјавија дека беше нужно по закон да се одложи главната расправа, со оглед на тоа што обвинетиот се изјасна дека не се чувствува виновен.
Сега судењето почнува од почеток со изведување на сите докази, рече адвокатот Никола Мујоски.
– Како полномошник бев крајно изненаден од укинувањето на првостепената пресуда од страна на Апелациониот суд во Битола и враќањето на предметот на повторно судење. На претходното судење обвинетиот ги искористи можностите и го призна крвичното дело за кое се товареше. Ние како оштетени немавме никакво законско овластување да менуваме нешто и прифативме такво признание на вина. Сега со укинувањето на пресудата опасноста е што истекува законскиот рок за максимален притвор на обвинетиот до завршување на главна расправа, по што тој може да биде пуштен на слобода, изјави Мујоски.
Продолжението на главната расправа претседателката на советот, судијата Весна Кичеец го закажа во три термини и тоа 19-ти, 26-ти септември и 3-ти октомври, на кои судот ќе ги повика сведоците од обвинителството и ќе се врши непосредно испитување.
Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен за кривичното дело „убиство“ и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива