Охрид, 27. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, под диригентската палка на Џанлука Матиненги од Италија, вечерва ќе одржи концерт во рамки на програмата на 57-то „Охридско лето“.
Концертот ќе биде посветен на долгогодишниот уметнички раководител и диригент на оркестарот, прерано починатиот Саша Николовски – Ѓумар.
На програмата ќе бидат дела од Бритен, Шедрин, Хендл, Моцарт, Шнитке. Концертот ќе се одржи во црквата Св.Софија со почеток во 20:30 часот.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од три децении. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на младината, кој се одржа во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното егзистирање во неговите рамки учествувале повеќе од 300 млади музичари – претежно студенти од ФМУ-Скопје, но и гости, млади музичари од други земји.
Оркестарот има реализирано преку 90 концерти, добивајќи позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот изведува дела од современи, како и од македонски автори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива