јули 28, 2017

Охрид, 28. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Уранија во Охрид вечерва ќе биде промовирана проект книгата „Извештаи на рисот“ од авторите Славе Ѓорго Димоски и Сергеј Андреевски.

Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Иван Џепаровски, а воедно ќе биде прикажана и изложба на цртежи од Сергеј Андреевски.

Стихозбирката „Извештаи на рисот“ е оригинален и уметнички кохерентен проект составен од песни на поетот Славе Ѓорѓо Димоски и цртежи на сликарот Сергеј Андреевски. Книгата на 44 страници содржи дваесетина песни од Димоски и исто толку цртежи од Андреевски, распоредени во неколку циклуси.

– Книгата „Извештаи на рисот“ претставува метафоричко-алегориски однос кон актуелното време, пред се врзано за нас самите. „Извештаи“ како строго полициски термин и „Рисот“, амблематичен лирски субјект којшто е симбол на индивидуалноста, на слободата и на дивиот порив, тајновито присутен во сенчестите агли на недопрените гори, но кој исчезнува или веќе е исчезнат, велат авторите.

Книгата со својот концепт и самиот наслов, додаваат, има и еколошка димензија да ја подразбуди свеста за исчезнувањето на рисот од нашите планини.

Меѓу примероците на промоцијата ќе има и книги кои содржат оригинален потпишан цртеж од сликарот Сергеј Андреевски. (Крај)

извор: А1Он фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука