јули 30, 2017

Охрид, 30. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Дела избрани за гудачки квартет од Франц Шуберт и Морис Равел, како и „Лирската свита“ од Албан Берг беа изведени синоќа во рамките на фестивалот  „Охридско лето“.

Публиката во црквата „Света Софија“ уживаше во гудачкиот квартет „Диотима“ составен од виолинистите Јун Пенг Жао и Констанца Ронцати, од Франк Шевалие на виола и виолончелистот Пјер Морлет. Музичарите од овој квартет третпат настапуваат во Македонија, но синоќешниот концерт беше нивно прво претставување пред публиката на „Охридско лето“.

– Неколку години со ред се обидувавме да учествуваме на „Охридско лето“ преку познатата композиторка Јана Андриевска. Таа долго ни зборуваше колку е успешен и реномиран фестивалот. Токму затоа сакавме да дојдеме, и еве не’, конечно сме тука и сме многу среќни, изјави уметникот Шевалие.

Настапот на фестивалот „Охридско лето“ е последен ангажман на квартетот „Диотима“ за оваа сезона.

– Се радуваме што на „Охридско лето“ го одржавме нашиот последен концерт за оваа сезона. Сега одиме на заслужен одмор, додаде Шевалие.

Во сезоната што следи овој гудачки состав ќе настапи во новата концертна сала во Хамбург, во „Концертгебау“ во Амстердам, во Лондон, Вашингтон, Варшава, Букурешт, како и на турнеи во Велика Британија, Шпанија, Русија, САД, Кореја и Јапонија.

Квартетот „Диотима“ е основан во 1996 година од музичари-лауреати на Националниот конзерваториум за музика во Париз и оттогаш е еден од најбараните ансамбли во светот. Иако се познати по нивните читања на современите композитори, како и по соработките со некои од најголемите музички имиња на денешницата како Хелмут Лахенман, Тошио Хосокава, Брајан Фернејхаф  и други, „Диотима“ своите програмски концепти ги комбинира со дела од стандардниот репертоар – особено оние на Равел, Дебиси, Барток, Шуберт, Бетовен, композиторите на Новата виенска школа и Јаначек.

Квартетот настапува на сите европски сцени и фестивали како Берлинската филхармонија, концертните сали во Мадрид, Лондон, Виена, како и во САД, Азија и Јужна Америка, а во периодот од 2012 до 2016 година се матичен ансамбл на театарот „Комедија“ во Париз.

Тие се добитници на бројни музички награди и признанија, како за нивните настапи, така и за снимените изданија. Во 2016 година одбележаа 20 години од постоењето со ексклузивно ЦД-издание на музиката за квартет на Виенската школа. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука