Охрид, 31. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Опожарените палми на пешачката патека во Охрид одреден период ќе бидат оставени во таква состојба.
Според оценките на стручни лица од ЈП „Охридски комуналец“ постоела можност тие повторно да почнат да виреат и да пуштат лист. Викендов, од страна на несовесни граѓани, беа запалени шест палми заедно со тревникот околу нив. Екипи од комуналното претпријатие извршиле чистење на просторот, а палмите некое време ќе бидат оставени.
Во Охрид беа донесени 200 влакнести палми, набавени од Кина, кои беа посадени низ централното градско подрачје, по шеталиштето на градскиот кеј, како и покрај пешачката патека, во непосредна близина на Центарот за обука на вода на АРМ и Станицата на езерската полиција. Секоја од засадените палми вреди 500 евра, а ЈП „Македонски шуми“ набави околу 1.000.
Граѓаните сметат дека на новоизградената патека има голема фрекфенција на луѓе, па би било добро од време на време на овој потег да поминуваат униформирани полициски службеници – позорникари, кои можеби барем малку ќе повлијаат на свеста кај граѓаните да не се уништуваат зеленилото и јавните добра. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива