Охрид, 1. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Учесниците во сообраќајот да бидат максимално одговорни и внимателни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја прилагодат брзината спрема поставените ограничувања и кон условите на патот, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на утрешниот празник Илинден.
Високите температури најавени за оваа недела и традиционалното одбележување на Илинден, се очекува дополнително да го зголемат интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини, кои водат излетничките места, езерата и кон граничните премини.
– Особено вниманителни, треба да бидат помладите и понеискусни возачи на деловите од патот кои не им се доволно познати или не им се прегледни, а големо внимание треба да се посвети на патниот правец Стража – Охрид каде сообраќајот се одвива со привремен режим и со зголемена фреквенција на возила, потенцираат од РСБСП.
Статистичките податоци за овој период од годината, во континуитет, години наназад, покажуваат дека во летниот период двојно се зголемува црната статистика на патиштата ширум земјава, односно двојно се зголемува бројот на сообраќајни незгоди и двојно се зголемува бројот на загинати и на повредени лица во сообраќајни незгоди. Податоците со кои располага РСБСП, од минатите години, велат дека посебно кобен за возачите на македонските патишта е празникот Илинден. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива