Охрид, 2. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Недопрена планинска природа, чист воздух, традиционална храна, начинот на живот се меѓу главните адути странските туристи да ги посетат охридските села. Меѓу нив е и Елшани, кое е веќе на мапата на агенциите и водичите.
Селото е се повеќе посетено од израелски, полски, јапонски туристи, а особено е привлечно за холанѓаните.
Посебна атракција за нив освен запознавањето со месното население, доживувањето на автентичниот живот, локалната кујна, убавините на езерото и Галичица, тука е и јавањето на магариња, кое било особено атрактивно до распадот на поранешна Југославија. Со воспоставувањето на чартер линиите и враќањето на холандските гости на охридската ривиера, вратена е и оваа традиција.
За нив овде не е интересно само сонцето и плажата, тие тука доаѓаат во потрага по нешто ново и неоткриено.
Тие сакаат да уживаат и во селската идила, во убавините на езерото и Галичица, кои како на дланка се распослани пред нив, да прошетаат во природа, но и да видат како се прави ѓомлезето, преснецот, селското месо, а и самите да бидат дел од процесот на подготвка.
Посебна атракција е пак облекувањето традиционална носија, препознатлива за овој крај, сето тоа зачинето со песна и игра.
Мештаните во Елшани се ставени во функција на туристите, тие сфатиле дека туристите го бараат и прифаќаат ваквата нова форма на одмор. Па, доколку се поработи малку повеќе на презентацијата на нашите традиционални вредности, кои ги нема на ниту едно друго место во светот, односно на алтернативните форми на туризам, тоа ќе значи економски бенефит за луѓето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес