август 3, 2017

Охрид, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пред местото каде се гради хотелот во населбата „Лагадин“ и во непосредна близина на планираната локација за „Медитеранска плажа“, група револтирани граѓани утре точно напладне ќе го „чествуваат“ празникот Илинден со протест за одбрана на Лагадин и охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација и девастација.

– И покрај тоа што повод за овој мирен протест е изградбата на спорниот хотел, протестот има за цел да го сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот. Ги повикуваме сите оние кои не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилие врз охридскиот регион, да дојдат и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и планината, во одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето. Во деновите кога се слави можеби најважниот ден за Македонија, како организатори на овој настан сакаме да потсетиме на можеби најважното и највредното обележје на земјата, еден од нејзините најзначајни заштитни знаци, единственото место со УНЕСКО статус, нашето сè, порачуваат организаторите.

Додаваат дека преку овој протест, бараат неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за „Медитеранска плажа“, да се заборави еднаш и засекогаш „лудата идеја за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица“.

– Бараме прогласување на мораториум на градењето на објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија заснована на идејата за негова хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам и донесувањето на нова стратегија за одржлив развој. Оваа стратегија ќе овозможи трајна заштита на пејзажните и амбиентални вредности на охридскиот регион, во прв ред преку оневозможување на неговото натамошно затрупување со нови објекти од цврста градба и отстранување на започнатите, веќе оспорени градби, а потоа и преку развивање на концептите за развој на алтернативниот туризам и еколошки заснован јавен транспорт со цел трајна заштита на охридскиот регион, додаваат организаторите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука