Охрид, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва два концерти во црквата „Св.Софија“ во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Од 20:30 часот ќе настапи македонското трио „Аура“, во кое членуваат Страшо Темков, флејта; Ана Гацева, пијано; Марјан Милошевски, фагот. На програмата ќе бидат дела на Лефебре, Јанса, Пјацола и Димушевски.
Триото „Аура“ има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови, а често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Во терминот пак од 22: 00 часот концерт ќе одржи дувачкиот квинтет на Црна Гора, во состав: Ана Абрамовиќ, хорна; Антонио Насевски, фагот; Марија Ѓурѓевиќ-Илиќ, флејта; Надица Ристиќ-Симовиќ, обоа и Петар Гариќ, кларинет. Ќе бидат изведени дела на Цанев, Лигети, Нилсен.
Водени од желбата за истражување на репертоарот создаван за дувачки квинтет, како и од потребата за постоење на еден ваков ансамбл во Црна Гора, членовите на квинтетот веќе подолго време се претставуваат на сцените на црногорските градови и надвор од границите на Црна Гора. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива