Струга, 3. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – На тема „Постмодерна“, во Центарот за култура „Браќа Миладонивци“ во Струга, од 4-ти до 6-ти август ќе се одржи Културниот форум „Предание и континуитет“.
– Зошто културниот форум „Предание и континуитет“ – 2017 се одржува во знакот на постмодерната? Затоа што таа е единствениот жив глобален феномен во актуелната историја, кој со предностите, противречностите и слабостите ги мачи подеднакво сите проникливи умови. Со оглед на неговите разнообразни квалитети ќе биде изложен на искрена критика. За да биде сеопфатно разбран ќе биде разгледан од трите базични дискурси: теолошко-философскиот, книжевниот и уметничкиот. Така ќе ги определиме предностите како потенцијални елементи на неговата благородна функција во иднината. Противречностите како предизвици, со чие разгатнување точно ќе се определи што е позитивно, а што негативно. Слабостите како елемент што произлегува од негативното во противречноста, кои неопходно треба да се преобразат, или ако се непроменливи – да се надминат, информираат организаторите.
Програмата за петок, 4-ти август предвидува Теолошко-филозофски поглед на постмодерната. Учесници на дебатата ќе бидат: проф д-р Ристо Солунчев од Филозофскииот факултет во Скопје, проф. д-р отец Стефан Санџакоски и проф. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ од Теолошкиот факултет во Скопје и Калистрат Санџакоски, дипломиран теолог од Струга. Во сабота, на 5-ти август ќе се расправа за Книжевно-поетскиот поглед на постмодерната. Учесници на дебатата ќе бидат: Митрополит Американско-канадски г-дин Методиј (Златанов), писателот Димитрие Дурацоски, проф. д-р Иван Додовски од Американскиот универзитет во Скопје и м-р Ненад Јолдески, писател од Струга. Во недела, на 6-ти август ќе се дебатира на тема: „Архитектонски и уметнички поглед на постмодерната“, а учесници ќе бидат: д-р Небојша Станковиќ од Принстон универзитетот во САД, доц. д-р Димитри Кумбароски од Универзитетот Евро-Балкан во Скопје, Игор Котларовски – инжинер – архитект од Скопје и битолскиот скулптор Владимир Симоновски.
Сите дискусии ќе се одржуваат во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток во 20:30 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива