Охрид, 4. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со најава на вечерашниот мега мултимедијален спектакл „Вивалдиано“ и сечење на роденденската торта, фестивалот „Охридско лето“ денеска го слави 57-от роденден.
Повеќе од половина век оваа наша најголема музичко – сценска манифестација зад себе испишува богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Секоја година 40-те фестивалски денови се празник на уметноста.
– Приоритет во овој момент е реализација на програмата. „Охридско лето“ има тим кој знае да се справи со сите предизвици. За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Тоа ни дава поттик да продолжиме да ја градиме вредноста на ова светско собиралиште на врвни уметници. Голема е возбудата, но и обврската да се организираат 57-те настани на годинашново издание кое благодарение на новите селектори, музичкиот Ѓорѓи Цуцковски и селекторот за драма, Зоран Љутков, изобилува со врвна уметност и атрактивни нови содржини. Почнувајќи со свеченото отворање на фестивалот,со џез квартетот „Форплеј“, па се до денес реализиравме 33 настани, истакна в.д. директорката Сузана Вренцовска.
Во основата на проектот „Вивалдиано“ се композициите на извонредниот италијански композитор Антонио Вивалди, но, претставен на нов возбудлив начин преку вешто спојување на касичната музика со модерни елементи, рече музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцковски
Според организаторот на турнејата на „Вивалдиано“, Јакуб Швејда, Античкиот театар е можеби најдоброто место за старт на проектот.
– Концептот на проектот „Вивалдиано“ постои веќе десет години. Публиката ќе види спој на неповторливите креации на Вивалди со рок-енергија. Ќе понудиме тридимензионално патување низ музиката, со настап на врвни уметници од Прашката филхармонија и од целиот свет, зачинето со уникатен сценски настап меѓу две видео-презентации, подвлече Швејда.
Првиот концерт на фестивалот „Охридско лето“ е одржан на 4-ти август 1961 година, со настапот на оперската певица Ана Липша Тофовиќ. „Охридско лето“ веќе 57 години се развива по нагорна линија, прераснувајќи во манифестација која претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес