Охрид, 4. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Какви хотели, какви Бакрачи“, „Смрт за хотелот, слобода за крајбрежјето“, „Гевгелија, спаси го Охрид“ беа дел од паролите на протестниот перформанс денеска напладне пред пред градилиштето на спорниот хотел во Лагадин и во непосредна близина на планираната локација за скандалозната Медитеранска плажа, што го изведе група револтирани граѓани.
Повод за протестот е изградбата на хотелот во Лагадин на само 10 метри од крајбрежјето со што го крши законот, а целта е да се сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, езерото и Националниот парк Галичица, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот, јави порталот sdk.mk.
Преку протестот бараат неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за Медитеранска плажа, да се заборави еднаш и засекогаш, како што велат, лудата идеја за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа и експресен пат на Галичица.
– Бараме прогласување мораториум за градењето објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија заснована на идејата за негова хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам и донесувањето на нова стратегија за одржлив развој. Оваа стратегија ќе овозможи трајна заштита на пејзажните и амбиентални вредности на охридскиот регион, во прв ред преку оневозможување на неговото натамошно затрупување со нови објекти од цврста градба и отстранување на започнатите, веќе оспорени градби, а потоа и преку развивање на концептите за развој на алтернативниот туризам и еколошки заснован јавен транспорт со цел трајна заштита на охридскиот регион, велат граѓаните од протестот, што беше поддржан и од „Охрид SOS“. (Крај)
извор: СДК фото: СДК