август 6, 2017

Охрид, 6. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Драмската програма на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ синоќа на сцената „Долни Сарај“ донесе премиера на театарската претстава „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, режирана од Џон Блондел, а во изведба на Битолскиот народен театар.

Пречекани од многубројната публика, а испратени со громогласен аплауз, актерите и целиот тим на Битолскиот народен театар изјавија огромна благодарност до „Охридско лето“ што им овозможи премиера на нивниот проект подготвуван во текот на изминатите месеци.

Според нив, режисерот преку оваа претстава уште еднаш не’ учи што значи да се биде човек, каде да се најде радост и како да се справиме со загубата.

– Срцето ми е полно што охридската публика одлично ја „прими“ претставата.Просторот исто така е феноменален. Многу е различно да се игра на ваква сцена, во споредба со театарската класична сцена. Од секаде се слушаат различни звуци и тоа е она што ти дава дополнителна мотивација за да играш и дадеш нешто повеќе. Ова е моја прва соработка со режисерот и претставува едно убаво искуство за мене. Поминавме низ еден процес на самоистражување. Во претставата има вметнато неколку музички елементи, дел од познати песни на групата „Блонди“, што е доста автентично. Улогата што јас ја толкувам, самовилата Титанија е една силна жена, кралица на самовилите, жена на Оберон и поради сето ова, целиот проект и самата улога ја сметав за еден предизвик, вели Катерина Аневска, актерка од Битолскиот народен театар.

За актерот Петар Спировски, посебно е чувството да се глуми на сценските простори на фестивалот „Охридско лето“.

– „Охридско лето“ секогаш се покажува во најдобро светло, како и ние, Битолскиот народен театар, и поради тоа секогаш имаме успешна соработка. Посебно е чувството да се игра претстава на овие простори, Долни Сарај, црквата „Света Софија“, Античкиот театар и слично. Ова е мојот трет проект со Џон Блондел, режисерот на оваа  претстава. Предизвикот да се работи Шекспир е навистина огромен, посебно улогата која што јас ја имам Зевзек или во други преводи Задрогаз. Предизвик од секогаш ми беше да ја играм токму оваа улога и јас уживав во неа. Ова е на некој начин исполнување на дел од моите соништа, вели актерот Спировски.

Според режисерот на претставата, Џон Блондел и директорот на Народниот театар од Битола, Иван Јерчиќ, реакциите на публиката за оваа театарска изведба беа крајно позитивни. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука