Охрид, 11. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа продолжи со концерт на „Бенџамин пијано трио“ кое на публиката и’ ги долови Клавирското трио во ц-мол од Николај Римски Корсаков и Клавирското трио Опус 50 од Петар Илич Чајковски.
„Бенџамин трио“ го сочинуваат виолинистот Емир Имеров, пијанистот Ваг Папијан и виолончелистот Александар Кагановски. По концертот, тие изјавија дека се задоволни од нивниот настап и од приемот на публиката.
Македонскиот виолинист Емир Имеров кој е дел од звучните европски ансамбли првпат настапува на „Охридско лето“, но неговите колеги веќе биле на фестивалот.
– Чест ни беше да свириме на овој огромен по своето значење фестивал, како за Република Македонија, така и за целиот музички свет. Се надевам дека публиката многу добро не’ прифати и навистина ни беше задоволство да настапиме пред ваква публика, изјави Имеров.
Ерменскиот пијанист Ваг Папијан влезе во фестивалската хроника пред две години, затворајќи ја музичката програма на 55-то издание на „Охридско лето“ заедно со рускиот виртуоз на виолина – маестро Максим Венгеров.
Украинскиот виолончелист Саша Кагановски пак, настапи на „Охридско лето“ во 2005 година како дел од гудачкото трио заедно со виолинистот Борис Лишвиц и Цви Лишвиц на виола. Тој има снимено и неколку компакт дискови со Македонската филхармонија во Скопје. (Крај)
извор: Охридско лето фото: Охридско лето