Охрид, 11. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во вторник, 15-ти август во Objectif bar во Охрид од 20:00 часот се отвора несекојдневната изложба на фотографии со наслов „ Shhh… Гола сум!“ на Марина Трајковска.
Изложбата е од отворен карактер, а гостите ќе ги забавува Dj Nasty Deluxe, кој зад себе има интернационална кариера.
За Трајковска која се занимава со филм и фотографија повеќе од пет години, ова ќе биде прва самостојна изложба. Таа е апсолвент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек театарска и филмска драматургија.
– Женското тело како голо тело многу пати е и злоупотребувано;”продавано” за ситни пари. Овие слики зборуваат за она што се молчи, зборуваат за несовршеноста на совршената креација, за онаа невидлива енергија која е материјализирана во едно тело. Голото тело не е порнографија, тоа е најчистата форма, ова е најсуптилно заведување – вели Трајковска за инспирацијата за претстојната изложба.
Трајковска е редовен учесник и на меѓународни филмски фестивали. Меѓу другите ангажмани, таа неколку години ги потпишува и бекстејџ видеата на Моден викенд Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива