август 14, 2017

Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Супер радио, водечкиот медиум во западниот дел на државата, по распишувањето на изборите од страна на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, нарача анкета која се очекува да даде сериозни насоки за расположението на гласачите во пресрет на изборите закажани за 15-ти октомври.

– Комплетирањето на анкетата, заедно со анализата на податоците очекуваме да заврши некаде на почетокот на септември. Очекуваме да добиеме релевантни податоци за трендовите и поддршката која охриѓани би ја дале за некоја партија или поединец на локалните избори кои, според нас, ќе бидат едни од најзначајните и најинтересните во последниот период. Ова особено по промената на централната власт, но и по бурните превирања на локалната политичка сцена. Тука секако ќе имаме дел и за популарноста на потенцијалните кандидати за градоначалник на Охрид од најголемите партии, но и неколкуте имиња кои се споменуваат во јавноста како можните независни кандидати. За нив ќе правиме и посебен дел од анкетата, кој ќе даде подетални податоци за нивните шанси, како и за довербата која во моментот ја уживаат кај охриѓани, велат од Супер радио.

Анкетата ќе се работи телефонски на пошироката територија на Охрид, со околината.

Супер радио оваа година полни 25 години од постоењето и е лидер во овој дел од државата во информативниот, музичкиот и забавниот дел. Високата доверба кај граѓаните ја потврдува и статусот на најдобра локална радио станица во државата, кој се потврдува во сите досегашни анкетни циклуси, спроведени од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука