Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започнуваат Богородичните пости, кои ќе траат 15 дена, до празникот Успение на Пресвета Богородица.
По својата временска должина, овој е најкраткиот од четирите годишни пости. Секоја година започнува на денот на прославувањето на Светите седум Макавејци, 14-ти август.
Богородичниот пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се практикува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред се наоѓаат во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.
Се пости во понеделник, вторник, среда, четврток и петок без масло, во сабота и недела се пости со масло, а на празникот Преображение се јаде и риба.
До празникот Преображение, за време на посните денови не се јаде грозје и смокви. Од овој празник, до крај на постите, се смета дека се благословува овошјето, па веќе е дозволено да се јаде и грозје и смокви.
Ова е што се однесува за телесниот пост, но никако не смееме да го заборавиме и духовниот пост. Да се молиме, посебно на Пресветата Богородица за време на овој пост, читајќи го Нејзиниот канон, да вршиме добри дела и задолжително да се исповедаме за да можеме што поочистени да ги примиме Светите Христови Тајни. (Крај)
извор: МПЦ фото: архива