Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамки на музичкиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе се одржат два концерти.
Во црквата Св. Софија ќе се одржи завршниот концерт на Меѓународниот семинар по пијано и виолина, виола и камерна музика. На виолина ќе настапи Емилио Перцан,Македонија, а на пијано Гулијева Тамила од Азербејџан. Почетокот на концертот е во 17:00 часот.
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан, постои од 2009 година. Првите три години се одржува на Истра, Хрватска, а од 2013 година се одржува во Охрид во организација на Музичката младина на Македонија, а со поддршка на Министерството за култура на Р. Македонија. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија.
На истата сцена, во терминот од 20.30 часот, концерт ќе одржат руските уметници Александар Рам на виолончело и Ана Одинцова на пијано.
Ќе бидат изведени Сонтата за виолончело и пијано од Ц.Франк, Свитата за соло виолончело од Г.Касадо и Сонатата за виолончело и пијано од Б.Бритен.
Александар Рам е еден од најнадарените и најбараните виолончелисти на неговата генерација. Неговиот стил е комбинација на виртуозност, длабока проникливост во авторската мисла, емотивен набој, јасна артикулација и индивидуалност. Рам е носител на сребрен медаљ на Интернационалниот натпревар „Чајковски“ (Москва, 2015 година), како и на бројни награди на други музички натпревари.
Ана Одинцова е родена во 1990 година во Москва, а дипломира на Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во класата на Наталија Трул во 2014 година. Носител е на повеќе награди и признанија. Како солист, претставник на Куќата на музиката во Санкт Петербург, има настапувано низ Русија, Шведска, Австрија, Шпанија, Италија, Финска, Франција и Бугарија. Настапите со оркестар вклучуваат соработки со Естонскиот симфониски оркестар, Литванскиот симфониски оркестар, Филхармонијата во Самара и Московскиот камерен оркестар. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива