Охрид, 14. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од утре до четврток на Факултетот за туризам и угостителство, во рамки на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, ќе се спроведе првиот уписен рок за нови студенти.
Во новата академска 2017/2018 година има место за вкупно 430 бруцоши. Од нив 215 се за редовни студенти во државна квота, 120 места за редовни студенти со кофинансирање и 95 за вонредни студенти.
Идните бруцоши ќе може да ги изберат четиригодишните студии во насоките туризам, осигурување, царина и шпедиција, менаџмент во услужен сектор, гастрономија и хотелско – ресторански менаџмент. Покрај тоа, со конкурсот се предвидени и тригодишни универзитетски студии на насоката за безбедност и финансиска контрола, која се реализира заеднички со Факултетот за безбедност.
Освен на македонски, за насоките туризам и царина и шпедиција се нуди и програма на англиски јазик, за која е предвидено да се запишат по 20 студенти.
Прелиминарната ранг листа од првиот уписен рок ќе биде објавена на 21-ви август, на 23-ти август ќе биде објавено решението за прием на кандидатите, а запишувањето на примените бруцоши ќе се сприведе на 24-ти и 25-ти август.
Втората шанса за упис на високообразовните институции е на 1-ви и 4-ти септември, додека пак доколку има празни места, ќе се пополнуваат во третиот уписен рок, на 14-ти септември.
На ниво на Република Македонија, за идните бруцоши се обезбедени 26105 места, 13953 места за редовни студенти во државна квота, 8367 места за редовни студенти со кофинансирање и 3785 места за вонредни студенти.
Инаку, новина во конкурсот за оваа академска година е што Владата донесе одлука да се активираат родовите студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, кои 5 години беа ставени во мирување, како и студиите за безбедност и евроинтеграциите на „Факултетот за безбедност” при УКЛО, кои исто така беа во мирување.
Годинава факултетите при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии, бидејќи тоа било побарано од установата, одредени дисперзирани студии на другите универзитети се редуцирани.
За првпат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива