Охрид, 15. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ завршен концерт одржаа учесниците на Меѓународниот семинар по пијано и виола, виолина и камерна музика.
Овој семинар под уметничко раководство постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.
На годинешниот десетдневен семинар учествуваа 15 млади музичари од Австрија, Словенија, Хрватска и Русија, од кои тројца пијанисти, а останатите виолинисти.
– Семинарот годинава првпат се одржува со клавир. До минатата година имавме само виолина со камерна музика. Имавме интензивни десет дена работа и многу нови идеи, што всушност е и целта на семинарот. Токму затоа ми е мило што продолжуваме во истиот дух и имаме голема заинтересираност и за самиот семинар, и за Охрид. Учесниците поминуваат и по 5 илјади километри за да настапат. Верувам дека така ќе биде и во иднина зашто Охрид е дел од точката за примамливост, вели уметничкиот раководител на семинарот, познатиот виолинист Емилио Перцан.
На завршниот концерт од Меѓународниот семинар, традиционално, учествуваат најуспешните ученици. Една од нив е младата виолинистка Ања Шерветс од Словенија.
– На семинарот во Охрид доаѓам трета година. Овојпат пред публиката на „Охридско лето“ се претставив со дело од Вагнер. Многу сум задоволна од она што го стекнавме, а посебно ми се допаѓа амбиентот на црквата „Света Софија“, вели Шерветс.
Нејзината колешка и сонародничка Ања Шуштариќ е исто така задоволна од учеството на семинарот, но и од завршниот концерт што се одржа во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
– Првпат настапувам на „Охридско лето“, но Охрид сум го посетила двапати и се’ ми се допаѓа. На завршниот концерт со мојата виолина се претставив со музика на Дебиси, вели Шуштариќ. (Крај)
извор: Охридско лето фото: Охридско лето