август 15, 2017

Охрид, 15. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Музичкиот дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва, со концерт на Кинескиот камерен оркестар „ЕЛК“.

На програмата ќе бидат дела на кинески композитори и традиционални национални мелодии, со интересни варијации. Концертот ќе се одржи во црквта Св.Софија со почеток во 20:30 часот.

Камерниот оркестар „ЕЛК“ е основан во септември минатата година, а неговите членови се дел од најпрестижните музички установи во Кина, како Кинескиот конзерваториум и Колеџот за музика „Капитал“ од Пекинг.

Оваа динамична група ја сочинуваат млади професори по музика, студенти и независни музичари. Нивна идеја е да создаваат музика која преставува рефлексија на нивните индивидуални музички гледишта, традицијата и современото живеење, националниот идентитет и космополитизмот. Идејата е на тој начин да се создадат оригинални композиции.

Камерниот оркестар „ЕЛК“, како еден од најквалитетните музички ансамбли, од страна на Кинеското министерство за култура е избран да ја промовира кинеската култура низ светот, поради нивниот професионализам и висок стандард на изведби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука