август 16, 2017

Охрид, 16. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Градинка во Охрид е меѓу шесте во Македонија каде од септември ќе се воведе втора смена. Децата ќе бидат згрижувани и во доцните попладневни часови во установи во Охрид, Гевгелија, Кочани, Радовиш, Тетово и Прилеп, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Владата дополнително го задолжи МТСП да испрати дописи до сите државни детски градинки да направат анкета со родителите. Од ресорното министерство велат дека двосменско работење би имало само во градинки или клонови ако има потреба во целата држава. Тоа би значело и вработување на воспитувачки и дополнителни финансиски трошоци кои дополнително ќе ги анализирале.

Повеќето граѓани сметаат дека градинките треба да работат на во две смени.

Од друга страна пак дел од директорите на градинките сметаат дека многу објекти немаат услови за втора смена и дека кубурат со персонал и со финансии. Двосменското работење би им предизвикало дополнителни трошоци за ладење, греење  во зима, чистење, а тоа немало да било исплатливо ако до 21:00 или 22:00 часот биле чувани само неколку деца.

Во моментов најголемиот дел од градинките во земјава работат од 06:00 до 18:00 часот, а само во четири установи во Центар, Чаир, Куманово и Тетово има и втора смена. (Крај)

извор: Сител фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука