август 17, 2017

Охрид, 17. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Се` е подготвено за 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се плива на патеката „Климе Савин“ во должина од 30 километри.

Во сабота во езерските води ќе влезат вкупно 22-ца учесници, од кои 15 во машка и 7 во женска конкуренција.

Во Охрид доаѓаат пливачи од Франција, Бразил, Аргентина, Канада, Италија, Германија, Холандија, Хрватска и Русија. Меѓу натпреварувачите има и македонци. Боите на нашата држава ќе ги бранат Евгениј Поп-Ацев, Александар Илиевски и Александар Панчевски.

Што се однесува до техничкиот дел, стартот на трката ќе биде точно напладне од Св. Наум, а првите маратонци на целта на градското пристаниште се очекуваат после 17:30 часот.

– Наградниот фонд е во висина од 10 000 долари. Имаме информации дека на денот на трката ќе имаме идеални услови за пливање. Најдобрите десет пливачи од светската ранг листа на ФИНА ќе пливаат во Охрид, што значи ќе имаме јака и интересна трка, истакна претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Јане Карајанов.

JaneKarajovanovОхридскиот пливачки маратон е трета, воедно и претпоследна во Гран при серијата на ФИНА, а можеби и клучна за добивање на конечниот ранг на светската листа на мартонско пливање.

Претставникот од ФИНА потенцира дека ова е настан од висок ранг, кога станува збор за пливање на отворени води. Тој се надева дека трката ќе помине без проблеми и им посака мирно езеро на пливачите.

Според Евгениј Поп Ацев, Охридскиот пливачки маратон е една од најважните трки во Гран при  серијата и најголем предизвик за пливачите.

Evgenijpopacev– Се надевам на добар резултат. Има силна конкуренција, елитата е тука, па трката ќе биде интересна. Се трудам да не мислам на она што ми се случи минатата година, кога поради промашена бова останав без место на пиедесталот. Тоа само го преточувам во мотив плус за подобар пласман годинава, пиедестал секако, а може и победа, рече Поп Ацев.

Спортската манифестација која преставува еден од амбасадорите на Охрид и нашата република има долга традиција. Првата маратонска трка е одржана во 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука