Охрид, 17. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Граѓанскиот активист Valdamarr Sveinaldsson, на најпопуларната социјална мрежа Facebook го актуелизира проблемот со јавното WC во Охрид.
Неговата реакција заслужува комплетно внимание и Ви ја пренесуваме во целост.
ОДБЕЛЕЖУВАМЕ: ОХРИД 20 ГОДИНИ БЕЗ ЈАВНО WC
#СмрдитМиСеПлачит
Градот на UNESCO, балкански Ерусалим, бисерот на Македонија, нашата гордост, лулка на христијанството, you name it, е всушност една тажна урбана целина, која секоја година се соочува со чадови од распалени скари, преголема бучава од „угостителски“ објекти, смрдеа од канализациони шахти, препржено масло од мини-крофни, сообраќаен метеж, премалку места за паркинг на сите возила, узурпирани тротоари и велосипедски патеки (каде ги има), градежни работи среде сезона, такси-превоз кој не вози кратки дестинации (со сета почит до исклучоците), искршени шишиња и повраќаници по улиците, купишта ѓубре и можеби најлошото од сè (ако може воопшто и да се прави компарација) – немањето јавно WC.
На фотографијата во прилог, кој се сеќава, десно, после фризерскиот салон за мажи и жени, имаше и јавно WC, за мажи и жени. Сè беше во ред, додека не се реши времените објекти и тие неколку трошни дуќани да се заменат со „посовремен“ објект (кој испадна фијаско, бидејќи е скоро празен). Проектантот на Т.Ц. „Амам“, наместо да има предвид и да вклучи вакви простории во новиот објект, целосно ги занемарува и градот (или неговото централно подрачје) две децении се отворен тоалет, а миризбата се чувствува особено дење, кога горештините се големи, на одредени места не се ни поминува. Дополнително, Општина Охрид не се ни потруди да најде некоја друга локација, која би можела да се адаптира за оваа намена, кога веќе на постојната локација се направи превид.
И тоа се одолговлекува, се ветуваа(т) чуда во предизборните програми, а никој не направи напор да го среди овој голем проблем. Нити Никола Матлиески, нити Никола Наумов, нити Александар Петрески (во два мандати) а еве, нити Никола Бакрачески – градоначалник на Охрид, кому мандатот му изминува. Дали следните кандидати за градоначалник, било да се партиски или независни, ќе направат некој обид да се реши овој проблем и градот, отворените простори, да не се користат за оваа намена? Каков образ оставаме пред стотиците илјади туристи, немајќи јавно WC, една основна потреба, која во минатото беше нешто нормално, во строгиот центар на градот, по Чаршијата.
Кога јавните институции ќе почнат да се грижат за ЈАВНИТЕ потреби?! До кога ќе замижуваме и ќе си поминуваме, а проблемот нерешен?!
извор: Valdamarr Sveinaldsson ФБ фото: Охрид Слики Од Минатото